РАК НА ГРЛОТО НА МАТКАТА
 
Што претставува ракот на грлото на матката?

Го зафаќа грлото на матката- цилиндричен орган кој ја поврзува вагината со матката. Нормалните клетки од слузницата на грлото на матката ја менуваат својата структура и почнуваат да се шират неконтролирано. Тоа најчесто е предизвикано од ХПВ. Како резултат на оваа вирусна активност се образува маса од клетки на рак – тумор. Најчесто овој вид на тумор има малигни карактеристики – брзо расте и метастазира по лимфниот систем и крвта.

Поврзаноста меѓу ракот на грлото на матката и ХПВ е забележан првпат пред повеќе од 30 години. После спроведените вирусолошки, епидемиолошки и клинички испитувања стана јасно дека основен причинител на болеста во 95-99,7% од случаите е човековиот папилома вирус ХПВ, од кои дури две третини се типовите 16 и 18.

Статистика

Ракот на грлото на матката е втора по ред причина за смртност кај жените после ракот на дојката. Според статистиката на Светската Здравствена Организација годишно во светот се регистрираат 500.000 нови случаи а околу 300.000 жени годишно умираат како последица на ракот на грлото на матката. Се претпоставува дека во светот моментално има 1.4 милиони жени заболени од рак на грло на матката. Од иситите дури 80% се од редовите на помладата популација.

Кај нас секоја година заболуваат над 250 жени и за жал 50 од нив умираат од рак на грлото на матката.